
Навлегувањето на есенскиот бран на корона вирусот значи нов предизвик и за хероите од Инфективното одделение при Клиничка болница во Штип, кои секојдневно се борат со овој невидлив непријател. За разлика од пролетниот бран, бројот на заразени од Ковид-19, сега е многу позголемен а загрижува и фактот што повеќе од половината од заболените се со тешка клиничка слика, се изјасни за нашата телевизија директорот на Клиничката болница Штип, д-р. Ален Георгијев. На почетокот на пандемијата Штипската Клиничка болница располагаше со 35 болнички кревет, за денеска со многу труд и напор да има 65. Најпрво, за болните од Ковид-19 се обезбеди простор од Нервното одделени, а потоа и 10 слободни кревети од Кожното одделение, – кажа Георгијев. Но, предизвикот расте, бидејќи бројот на медицински персонал е намален. Ако во март во болницата во Штип имаше 4 инфектолози, денеска истата располага со само еден. Ситуацијата со корона пандемијата не се разликува многу од ден на ден, единственото нешто што се менува е бројот на заразени. Се случува наутро после визитата да се отпуштат неколку пациенти, но во текот на денот празните кревети се потполнуваат повторно, бидејќи клиниката работи доста напорно, вели Георгијев. Моменталната слика на Инфективното одделение во Штип не е најсјана. Од 57 зафатени кревети, 25 се со потешка клиничка слика, а дури 14 се во критична состојба. Ублажува фактот дека пред распишување на Предвремените Локалните избори во Штип, Клиничката болница е доволно снабдена со кислород, па се задоволуваат потребите на пациентите.
Лаура Стојанова М-Нет