
Уште една во низата реакции, непрописно паркирање го узурпира градот. Граѓани од населбата Сењак испратија фотографии до нашата редакција на кои се гледа дека непрописно паркирани возила пречат за влез и излез од приватна катна гаража. Тамошните жители велат дека неколкупати реагирале до СВР Штип од каде излегувале на терен, но коренито решавање на проблемот нема, поради што граѓаните сами се обидуваат да ја спречат оваа неправилност. Решение на проблемот побаравме и во ЈП „Стипион“, но и во Секторот за внатрешни работи. Директорот на јавното претпријатие, Игор Ефтимов, истакна дека во неколку наврати го има образложено решението на проблемов, а за истото зборуваше и во нашата емисија Зум анализа.
„Во наредниот период се надеваме на подобра соработка помеѓу институциите, односно помеѓу јавното претпријатие „Стипион“, Општина Штип и полицијата. Тоа значи дека според Законот за безбедност во сообраќајот, јавното претпријатие, односно Општината може да поставува блокатори на автомобили кои се паркирани непрописно. Меѓутоа, единствено овластено лице коешто може да констатира непрописно паркирано возило е полицаец. Значи, кога на лице место ќе излезе сообраќајна полиција, ќе направи записник и ќе констатира дека тоа возило е непрописно паркирано, ние дополнително може да ставиме блокатори, така што се надевам дека во наредниот период ќе биде подобрена соработката меѓу институции и ќе почнеме со поставување блокатори на овие возила“, рече Ефтимов.
Од СВР Штип, пак, согласни се дека непрописно паркирање секојдневно се констатира. Меѓутоа, тие може да реагираат само при пријава.
„СВР Штип секојдневно излегува на терен и констатира непрописно паркирање, но истото е само по пријава од граѓани. Веќе во неколку наврати споменавме дека надлежност за констатирање неправилности имаат полициските службеници.“ – истакнаа од СВР Штип.
Инаку, согласно со Законот за безбедност во сообраќајот возачот не смее да паркира возило на место кое би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите. Исто така, забрана за паркирање има и на место каде паркираното возило би го оневозможило пристапот на друго возило заради паркирање или излегување на веќе паркирано возило. Општините, пак, го уредуваат сообраќајот на локалните патишта и улици на своето подрачје што опфаќа и поставување и отстранување блокатори на возила на места што не се наменети за паркирање, како и надзор и преместување на непрописно запрени и паркирани возила.
Ребека Спасова М-Нет