
Општините од Источниот Регион и оваа година не најдоа заеднички јазик за координирано прскање против комарци. Секоја од Општините сама ќе си биде одговорна и ќе ја спроведе оваа активност како што било и досега, а, за жал, некои од општините, веројатно, ќе останат и без тоа. Градоначалникот на Штип вели дека проблемот е во неликвидноста на Општините.
„Ние направивме еден план, анализа за сите општини од Источниот плански регион оваа година заеднички да започнеме со прскање и третирање, но се соочивме со неликвидни Општини коишто имаат најголема површина и потреба од третирање и прскање. На пример Општина Чешиново-Облешево нема средства за прскање против комарци, а има најголема територија и површина имајќи предвид дека овде се наоѓаат оризови полиња коишто се место каде што најмногу комарците се задржуваат. Исто така, тука се и Зрновци и Кочани коишто имаат цели површини коишто се живеалиште на овие инсекти и доколку во Штип или некои други општини се прска, е бадијала, бидејќи при ветрови се пренесуваат овие инсекти, но не најдовме заеднички јазик“, истакна Јорданов.
Поединечно прскање има и во Вардарскиот регион. Во соседно Свети Николе градоначалникот, Дејан Владев, вели дека тие веќе го потпишале договорот со операторот, а постапката се одвива традиционално.
„Секоја општина си поднесува посебен тендер и бираат дали ќе биде земно или авионско. Кај нас е традиционално авионско и си ја водиме постапката како што било претходно. Релативно сме задоволни од нивната работа“, додава Владев.
Штип сѐ уште нема започнато со прскањето против комарци и Јорданов посочува дека причината за тоа се временските услови. Во Свети Николе, пак, постапката е започната и таму се одвива исклучиво авионско прскање.
„Сѐ е со авион, авионско прскање, бидејќи се работи за мали авиони кои може доста ниско да летаат над земјата и по консултациите што ги имаме извршено и со други луѓе коишто се стручни за оваа област, кажуваат дека е најдобро такво прскање, бидејќи ги опфаќаат сите легла на комарци“, вели Владев.
„Овој месец временските услови ја закочија постапката и процедурата, кога ќе се создадат услови неколку денови последователно не треба да има врнежи за да може да се испрска против комарци, односно за да може да има ефект. Очекувам во деновите и месеците коишто следат да имаме последователно прскање и воздушно и теренски“, додава Јорданов.
И оваа година како и минатата во Штип ќе се прска и воздушно и теренски, а за оваа постапка се предвидени повеќе од 2.000.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет