
Вечерва и официјално ќе бидат познати сите екипи кои ќе се натпреваруваат во Првата македонска фудбалска лига за следната сезона 2023/2024, откако во Кавадарци ќе биде одигран баражот помеѓу Скопје и Вардар.
Скопје сака трета сезона по ред да игра во Прва лига, а откако лани преку баражот со Беласица се спаси и остана, сега одново „пиратите“ ги очекува бараж за опстанок, сега против Вардар.
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар по две години поминати во Втора лига, конечно има можност за кам-бек во елитата. „Вардаци“ со години се соочуваат со големи проблеми како беспарицата која е главен проблем, но верните „Комити“ се „виновни“ што клубот конечно започнува колку толку да се стабилизира, откако преку локалните самоуправи на неколку скопски општини дојде помош за Вардар, која е многу важна за „вардарци“.
Во сезона 2018/2019 Вардар играше во групите на Лигата на Европа, а денес, ќе се бори за бараж да се врати во Првата македонска фудбалска лига.
„Комити“ ќе го „окупираат“ Кавадарци и ќе пристигнат во голем број, но се подготвуваат и „пиратите“ од Автокоманда за поддршка на нивниот Скопје.
Скопје во пролетниот дел предводен од поранешниот селектор на Македонија, Мирсад Јонуз одигра одлични натпревари и забележа важни победи со што се избори за бараж, откако неколку фаворити беа изненадени од „пиратите“.
Вардар откако остана без директен влез во Прва лига, бидејќи Воска и Гостивар ги освоија првите две места, се насочуваат на баражот, кој денес се игра со почеток од 17 часот на Градскиот стадион во Кавадарци.
Главен судија ќе биде Александар Ставрев од Скопје, ќе му помагаат Дејан Костаиднов од Скопје и Слаѓан Маркоски од Гостивар. За четврт судија е делегиран Марјан Младеновски од Скопје.