Нема доволно попишувачи и инструктори, повторно продолжен конкурсот

Повторно продолжен Јавниот конкурс за ангажирање на реонски попишувачи и реонски инструктори за претстојниот попис. И покрај претходното продолжување, сè уште нема доволно пријавени кандидати.

„И покрај продолжувањето на Конкурсот за реонски попишувачи и инструктори, кој, еве, трае веќе 24 дена, во некои општини во државата нема доволно пријавени кандидати. Тоа се сите скопски општини, Струмица, Ново Село и Охрид, како и општините каде доминира албанско население. Апелираме до граѓаните, особено во овие општини, да се пријават на електронската апликација и да земат учество во оваа исклучително важна статистичка операција. Учеството во пописните теренски активности не е бесплатно – попишувачите и инструкторите, во зависност од пописните кругови во кои ќе работат, но и во зависност од квалитетот и брзината со која ќе ја извршуваат работата, можат да заработат и до 40 000 денари. Свесни сме дека е време на летни одмори, време на сезонски работи во земјоделството, но Пописот 2021 ќе се спроведе од 5 до 30 септември, така што ги повикуваме сите заинтересирани да се пријават и да се придружат на тимот!“, наведуваат од ДЗС.

Заинтересираните лица кои сакаат да бидат ангажирани можат да се пријавуваат до 17.8.2021 година.

Кандидатите можат да достават електронска пријава која е достапна на веб-сајтот на Државниот завод за статистика.

По електронската пријава, потребните документи ги доставуваат исклучиво во хартиена форма по пошта до Државниот завод за статистика, на ул. Даме Груев бр.4 во Скопје, п.фах 506, најдоцна до 19.08.2021 година или на денот на закажаното тестирање во просториите каде што ќе се спроведе тестирањето. Останатите утврдени услови од претходно објавениот конкурс остануваат во сила.

Ребека Спасова МНет