Три екипи гаснат голем пожар кај с. Судиќ, запалените стрништа и понатаму проблем за пожарникарите

Голем пожар кај село Судиќ ги алармираше штипските пожарникари. Запалените стрништа и во постудени временски услови се проблем за пожарникарите од регионов. Командирот на Територијалната противпожарна единица – Штип, Благој Ренџов, вели дека големиот пожар во моментов е на потегот од с. Судиќ кон с. Трогерци, на терен се две екипи, а кон местото заминува и командирот со трета екипа.

Во последното деноноќие РЦУК Штип информира за три пожари на отворено. Командирот Ренџов вели дека двата пожара кон Врсаково, кои настанале во изминатото деноноќие, се изгаснати. Вчера гореше и кај Крупиште, а на територија на цела држава во последното деноноќие изгаснати се 18 пожари на отворено.

Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112.

Во последното деноноќие имало вкупно 1.966 повици на Единствениот број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 32,21 отсто, а 66,79 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 60,32 отсто, кон итната медицинска помош 32,79, а кон пожарникарите 4,05 отсто од реалните повици кон 112.

Ребека Спасова М-Нет