
Вардар Неготино го доби баражот со Драчево со резултат 27:22 и останува во ракометната Супер лига и во следната сезона.
Денес во Прилеп беше одигран бараж натпреварот каде неготинци беа одличен противник и повеќе од заслужено го сочуваа Суперлигашкиот статут и за следната сезона, а Драчево останува во Првата ракометна лига и во следната сезона.
Верните „Винари“ уште еднаш покажаа дека се одлично организирана навивачка група, откако ја наполнија салата во Прилеп, беа одлична поддршка за Вардар во текот на целиот натпревар, а на крај заедно го прославија опстанокот на Вардар Неготино во Супер лигата.
Драчево имаше сила да му парира на суперлигашот едно полувреме, а потоа неготинци беа доминантни до најважниот триумф во сезоната.
Најдобар во редовите на Вардар Неготино беше Ѓорѓи Орешков со пет гола, а пак Ѓорѓи Ташев и Драган Кузманов постигнаа по четири гола. Кај Драчево, Ѓорѓи Дука беше најдобар со шест гола, а пак Филип Дабевски зад себе имаше пет погодоци.
Вечерва во 21 часот ќе има пречек на ракометари и голема прослава на Градскиот плоштад во Неготино.

