За првпат телевизија М Нет организира избор на спортист до 18 години за 2023 година на град Штип, со план овој избор да стане регионален.
Во изборот за спортист до 18 години за 2023 година на град Штип влегуваат сите спортисти кои имаат до 18 години и кои се натпреваруваат за клубови на територија на општина Штип, без разлика дали во машка и женска конкуренција како и дали спортистите доаѓаат од колективни или индивидуални спортови.

Во рангирањето на спортистот во предвид се зема најдобриот резултат за 2023 година, односно дали спортистот има учествувано на Олимписки игри, Светско првенство, Европско првенство, Медитерански игри, Балканско првенство, Државно првенство на Македонија, Куп на Македонија, Меѓународни и домашни турнири како и тоа дали е член на репрезентација на Македонија.
Секој спортски колектив може да пријави повеќе спортисти кои ќе ги исполнува условите од правилникот, а кој веќе е објавен на веб порталот на телевизија М Нет. Многу важен е моментот за сите спортисти кои ќе бидат предложени од секој спортски колектив резултатите да се веродостојни бидејќи истите ќе бидат проверени односно резултатите пријавени од матичниот клуб на територија на општина Штип треба да бидат потврдени од федерацијата каде членуваат спортистите или од сајтовите на спортските организации (организатор на натпреварување – домашно или меѓународно) каде учествувале спортистите т.е. копија во писмена форма од постигнатите резултати со печат и потпис.
Крајниот рок за пријавување е до 5. февруари, пријавите по 5. февруари 2024 година, нема да се земаат во предвид.
Пријавите кои не ги содржат сите потребни информации (пријави со нецелосни и неточни податоци) ќе бидат отфрлени и нема да учествуваат во изборот.
Покрај награда за најдобриот спортист до 18 години за 2023 година на град Штип во организација на телевизија М Нет, ќе има признанија и плакети и за сите останати учесници без разлика на нивниот пласман на конечната ранг-листа.
Пријавите да се достават лично во просториите на ТВ М Нет-ХД, на ул. „Коле Неделковски“ бр. 19 – Штип или скенирани на емаил [email protected]