
Одбојкарската федерација на Македонија информираше дека финалната серија од плејофот во Првата лига ќе стартува на 16 април во Штип, каде најдобрите две екипи сезонава, Штип УГД и ГОК Борец, ќе ја започнат битката за шампионската титула, која се игра во принцип на три добиени натпревари.
Штип УГД е лидер на прволигашката табела, а пак Борец беше втор, овие две екипи покажаа квалитет со кој стигнаа до финалната серија во борбата за шампионската титула, а ова ќе биде реприза на Куп финалето каде Штип УГД го совлада велешкиот тим за трета Куп титула во низа.
Сега по кратко време двете екипи ќе водат борба за титулата во првенството. Штип УГД оди по искориста титула во првенството, а со тоа доколку ја исвои ќе ја има двојната круна и на тој начин ќе започне доминацијата на штипјани во македонската одбојка, нешто што го имаше Струмица изминатата деценија.
ГОК Борец по пауза од три години, повторно ќе се бори за првиот шампионски трофеј од осамостојувањето на Македонија.
Веќе е познат и распоредот за натпреварите. Првиот натпревар се игра во Штип на 16 април, вториот е во Велес закажан за 20 април, три дена подоцна ќе биде третиот меч во Штип, евентуално четврт меч ќе се игра на 27 април во Велес, а ако биде потребен петти меч тоа ќе биде на 30 април во Штип.
Александар Ванев, М-Нет