Најдобриот стрелец во ПФМЛ Алекса Марушиќ од Воска Спорт направи трансфер во Магдебург!

Воска Спорт го продаде најдобриот стрелец во Првата македонска фудбалска лига за минатата сезона, Алекса Марушиќ, во тимот на германски Магдебург.

Црногорецот во охридскиот прволигаш пристигна минатото лето и одигра одлична сезона во фудбалската елита на Македонија. Тој беше главна алка на тимот во борбата за опстанок во елитата, но и еден од најзаслужните што тимот стигна и до големото историско финале од Купот на Македонија.

Марушиќ со 17 погодоци и три асистенции беше најдобар стрелец во изминатата сезона во Првата македонска фудбалска лига, а интересот за потписот за 25-годишникот беше голем.

Со одличните игри и погодоци Марушиќ прави трансфер од Првата македонска фудбалска лига во Втората германска лига, односно Марушиќ ќе го носи дресот на Магдебург.

„Воска Спорт му се заблагодарува на Алекса Марушиќ за неговиот голем придонес во нашиот тим, посакувајќи му успех во понатамошната кариера во Германија“, стои во соопштението од охридскиот прволигаш.

Марушиќ беше член на репрезентацијата на Црна Гора до 17, 19 и 21 година, а одличните игрчи во Воска Спорт и трансферот во Магдебург, може да му обезбедат повик и за сениорската репрезентација на Црна Гора, каде селектор е Роберт Просинечки.

Марушиќ кариерата ја започна во Сутјеска, од каде замина во Дечиќ, потоа го носеше дресот и на Младост од Србија од каде се врати во црногорскиот тим Дечиќ, а од таму пристигна во Воска Спорт. Во Првата лига Марушиќ одигра 32 натпревари поминувајќи 2780 минути на фудбалските терени, а во просек на 164 минути постигнуваше по еден гол.

Александар Ванев, М-Нет