Наскоро спортската сала „Џексон“ ќе ги отвори вратите, Штип добива современ спортски храм со капацитет од 1.200 гледачи

Штип како град на спортот наскоро ја добива модерната спортска сала „Џексон“, со што уште еднаш се потврдуваат заложбите на локалната самоуправа за силна поддршка во спортот и спортската инфраструктура.

Кошарката и одбојката во градот под Исарот ќе добијат нов современ дом, каде ќе може да ги играат своите натпревари, а притоа капацитет на „Џексон“ ќе изнесува 1.200 гледачи, со што верните навивачи и поддржувачи во голем број ќе може да даваат силна поддршка за екипите.

Одбојкарскиот клуб Штип УГД кој за првпат ја освои двојната круна, сега ќе има нов современ дом каде ќе може пред далеку поголем број на публика пред далеку подобри услови да ги игра не само домашните, туку и европските натпревари. Штип УГД испиша неверојатни резултати во последни три сезони со освојување на Купот три сезони во низа, а годинава ја освои и првата шампионска титула за комплетирање на двојната круна.

Кошаркарите на КК Соколи кои за влакно две сезони во низа не успеваат да обезбедат место во елитата, сега ќе може да водат битка за влез во Супер лигата во спортска сала која е модерна и ги исполнува сите стандарди и ќе биде вистински спортски храм.

Официјално спортската сала „Џексон“ според информациите на М Нет телевизија се очекува да биде отворена кон крајот на месец август, кога и официјално ќе биде пуштена во употреба.

Овој спортски храм ќе може да биде домаќин и на меѓународни натпревари на репрезентациите.

Со добивањето на овој спортски храм наметен за кошарка и одбојка, уште еднаш се потврдува зошто Штип е град на спортот, не само по успесите на клубовите, туку и по вложувањето во спортската инфраструктура.

Александар Ванев, М-Нет