Нападот над лице со здравствени проблеми кој го вознемири Истокот заврши со кривична пријава

Кривична пријава заработи лицето кое пред неколку дена го нападна Игор Јанев, лице со здравствени проблеми од селото Дедино во општина Конче. Пријава за физички пред неколку дена имаше и во СВР Струмица. Оттаму портпаролката, Александра Трајанова, посочи дека кај нив лице со иницијали В.К. од истото село пријавило дека на 26 ноември, околу 22 часот, лицето И.Ј. било физички нападнато од лице со иницијали С.Ѓ. Струмичкиот сектор за внатрешни работи преземаше мерки за расчистување на случајот. Според информациите од роднини, кои пристигнаа и до нашиот медиум, лицето било брутално претепано и пренесено во штипската Клиничка болница. Од таму, пак, потврдија дека кај нив има донесено лице со телесни повреди кое е од село Дедино.

Вчера радовишкото Одделение за внатрешни работи поднесе и кривична пријава против лицето кое го нападна Јанев.

„Вчера (29.11.2023), Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, поднесе кривична пријава против С.Ѓ.(29) од село Конче, општина Конче, поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „насилство“ по член 386 од Кривичниот закон. Тој се сомничи дека на 26.11.2023 пред продажен објект во село Дедино, општина Конче, физички го нападнал И.Ј.(44) од село Дедино, лице со здравствени проблеми.“ – стои во соопштението од МВР.

Сепак, од струмичкиот Сектор за внатрешни работи демантираат дел од информациите кои ги изнесоа роднини, а кои беа објавени и во некои медиуми. Од СВР Струмица за М-Нет Телевизија велат дека лицето кое го нападнало 44-годишникот не е сообраќаен полицаец, како што се тврди.

Ребека Спасова М-Нет