
Никола Рилак поднесе оставка од штипскиот совет за да биде заменик генерален директор на АД МЕПСО. Штипскиот Совет остана без Никола Рилак од СДСМ, а го доби Ангеле Михајловски од Левица. Првичниот состав бележи трета оставка. На денешната 12. седница беше констатирана оставката на Рилак, кој до претседателката на Советот ја доставил на 10 мај.
Според Рилак, оставката доаѓа по упорноста на советниците од ВМРО – ДПМНЕ да си донесуваат штетни одлуки. Наместо советник, тој прифатил ново позиција во АД МЕПСО.
„Бев во размислување да си дадам оставка од советник во Советот на Општина Штип, бидејќи и покрај моите укажувања за дел од одлуките, советниците од ВМРО – ДПМНЕ продолжуваат да си ги донесуваат своите штетни одлуки за граѓаните во Штип. Заради таа причина решив да се посветам на мојата професионална кариера и ја прифатив понудата да бидам заменик генерален директор на АД МЕПСО, каде впрочем и работам.“ – истакна Рилак.
На денешната седница освен констатирана оставката на Рилак, беше и верификуван мандатот на новиот советник Ангеле Михајловски од советничката листа на Левица. Михајловски доаѓа на местото на Сенада Ибраимова, која поднесе оставка на 1 април годинава, а која беше констатирана на седницата на 18 април. Мандатот го верификуваше Верификационата комисија составена од претседателот Дејанчо Здравков и членовите Драгица Петрова и Трајче Стојчевски.
Првичниот состав на Советот на Општина Штип веќе до следната седница би требало да има три нови члена по досега трите дадени оставки. Оставки бележат советничките групи на СДСМ и Левица, од каде Советот остана без советниците Емил Павлов, Сенада Ибраимова и Никола Рилак.
Ребека Спасова М-Нет