
Цените на дел од тестенините и млечните производи намалени, откако денеска стапи на сила мерката на Владата за замрзнување на цените на овие производи. И екипата на М-Нет Телевизија во обиколката која на направи на терен го увиде намалувањето цените, кое се движи од 10% до 15%. Ова е втора одлука за замрзнување на цените на одредени производи откако претходно беше замрзната цената на лебот.
„По направените анализи, донесовме одлука за замрзнување, односно намалување за 15% на цената на дел од тестенините. На дел од млечните производин меѓу кои кравјото млеко, урдата, сирењето, кашкавалот, киселото млеко, павлака и јогурт цената предвидовме да се намали за 10% споредено со цената од 1 март оваа година. Денес можевме сите да се увериме дека ова намалување на цените се почитува од страна на прозводителите и од страна на трговците и истото се однесува како на замрзнувањето на цените на лебот така и на цените на тестенините исто како и цените на млечните производи“, вели Ковачевски.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, порача дека компаниите треба сами да бидат свесни и да пристапат кон намалување на цените, а доколку не го сторат тоа, тие ќе одлучат за замрзнување на цените и на јајцата, шеќерот и оризот. Почитувањето на владината одлука ќе ја контролира Државниот инспекторат, а казните за непочитување се движат од 800 до 10.000 евра.
„Да направат голем напредок, да покажат општествена одговрност и самите да почнат со намалување на цените имајќи го предвид трендот на намалување на суровини, но и согласно со намалувањата на енергенсите, како мерки кои ги носи Владата“, додава Бектеши.
Граѓаните велат оти цените треба да се намалат. Дел од нив ја поздравуваат одлуката, а други со став дека намалувањето е недоволно.
Дополнително, Бектеши посочи дека ќе бара средба со ССМ, бидејќи сметаат дека минималната синдикална кошничка во државата не е 50.000 денари, туку не надминува 43.000 денари, пресметана согласно со методологијата.
Ребека Спасова М-Нет