Протести најавија асоцијациите на казина и обложувалници ако се изгласаат измените на Законот

Протести најавуваат асоцијациите на приредувачи на игри на среќа и спортски обложувалници ако се изгласаат предлог-измените на Законот за игри на среќа. Ова го истакнаа на денешната прес-конференција, на која посочија дека законските измени треба да се повлечат низ широка општествена, јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни и изработка на одржливо законско решение.

„И покрај нашиот јавен повик, владиниот Секретаријат за европски прашања не даде одговори на следните оправдани дилеми на јавноста:

• Која ЕУ директива предвидува затворање на легални игри на среќа?

• Која ЕУ директива создава предуслови за игри на среќа на црно, без државна контрола?

• Која ЕУ директива предвидува 10 илјади луѓе да останат без своите работни места?

• Која ЕУ директива овозможува противуставни законски измени?

• Која ЕУ директива предвидува бркање странски инвеститори кои доаѓаат од земја членка на ЕУ?“ – рече на денешната прес-конференција Горан Стоименов, претставник на АПИС.

Стоименов посочи дека ќе се борат до крај против неправдата со сите демократски средства, бидејќи нивна должност е да ги заштитат вработените и огромните инвестиции кои ја придвижуваат македонската економија напред. Во изјавата беше посочено дека во овој момент на совеста на сите пратениците се оставени судбините на 10 илјади семејства, кои доколку се изгласаат овие законски измени, ќе бидат принудени, во најголем број да си ја бараат среќата во западните земји, членки на ЕУ, каде повторно ќе работат во истата економска дејност.

Инаку, предлог-измените се на дневен ред на пленарната седница на Собрание, а една од главните одредби е оддалеченост на казината и обложувалниците не помалку од 500 метри од училиштата.

Ребека Спасова М-Нет