Налог или механизација – што недостасува за отстранување на хаварисаните возила во Штип?

Хаварисани возила паркирани и оставени на паркинг простор, јавна површина, тротар – проблем за град Штип. Впрочем, станува збор за возила кои најчесто не се во возна состојба, но го зафаќаат паркинг просторот и подолг временски период не се отстранети од едно место.

Надлежните по основ на ова прашање со различни ставови. Имено, комуналниот инспектор при Општина Штип, Борче Везенков, кажа дека налози се пишуваат, се излегува на терен и прво се пишуваат опомени, а потоа се реагира.

„Ние како комунална инспекција постојано сме на терен. Доколку забележиме хаварисано возило кое не е во возна состојба прво пишуваме опомена возилото да се отстрани во рок од осум дена. Ако и по истекот на тие осум дена сѐ уште не е отстрането, со налог возилото се носи кај филтер станицата. Од таму сопственикот може да си го подигне во рок од 30 дена, ако не го стори тоа, потоа се дава на лицитација. Инаку, по налогот ЈП „Стипион“ треба да излезе на терен и да го отстрани возилото, но тоа е само импровизација, бидејќи пајак возилото не е во функција.“ – вели Везенков.

Тој додаде дека налози има издадено и дека претпријатието треба да реагира. Но, в.д. директорот на ЈП „Стипион“, Игор Ефтимов, вели дека во изминатите 100 дена нема ниту еден налог пристигнат до него за отстранување на хаварисани возила.

„Можеби, во минатото имало налози, меѓутоа откако сум директор, три месеца или 100 дена, нема пристигнато нов налог за отстранување на хаварисано возило. Сепак, во комуникација сме со инспекторите и тие треба во наредниот период да направат список на возила коишто треба да бидат отстранети. Доколку возилата се хаварисани, односно не се за употреба, ние со нашата градежна механизација ќе ги отстраниме од местата каде што се наоѓаат. Доколку возилата се за употреба, ќе ги замолиме граѓаните на Општина Штип да ги отстранат тие возила од местата за да не зафаќаат простор“, истакна Ефтимов.

Ефтимов потврди дека пајак возилото не е во функција, па доколку треба да се отстрани некое хаварисано возило, тоа се прави со механизацијата која е достапна на ЈП „Стипион“.

Лаура Стојанова М-Нет