Налепниците „НМК“ за табличките ќе се купуваат од станиците за технички преглед за најмногу 50 денари

Заклучно со 12 февруари сопствениците на возила мра да извршат промена на ознаката „МК“ на регистарските таблички со новата ознака „НМК“. Минатата година беше одлучено наместо целосна промена на табличките, да се користат само налепници со новата ознака. Од Министерството за внатрешни работи велат дека налепниците со новата ознака ќе чинат најмногу 50 денари, а ќе може да се набават од станиците за технички преглед. Додаваат дека во моментов се врши испораката на налепниците.

„Согласно Рамковната спогодба за набавка на регистарски таблици, склучен беше договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците. Согласно решението за изменување и дополнување на решението за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи, објавено во Службен весник на Република Северна Македонија број 2 од 03.01.2024, цените на налепниците ќе се движат од 30 до 50 денари.“ – информираат од МВР.

Со ова решение, беше претходно истакнато, се избегнуваат дополнителни трошоци за граѓаните и правните лица, особено за транспортерите кои патуваат во ЕУ. Притоа, оставена е можност за избор на граѓаните, што значи дека физичките и правните лица можат да побараат и замена на старите со нови регистарски таблички доколку не сакаат да стават налепница на постојните регистарски таблички.

„Целта на ова решение за употреба на налепници, предложено од МВР како најсоодветно, функционално и економично решение, е да се избегнат дополнителни финансиски трошоци за граѓаните и правните лица за издавање повеќе нови документи, лиценци, сертификати, коишто се поврзани со бројот на регистарската табличка, а истовремено во целост се испочитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија. Покрај ова, со ова решение им се овозможува олеснување и на транспортерите кои патуваат во ЕУ, со што ќе ги задржат постојните таблички на транспортните возила, а истовремено ќе бидат заштитени од потребата за промена во целокупната документација во државите членки на ЕУ каде што извршуваат транспортни услуги“, вели Сузана Прањиќ Талевска од Секторот за односи со јавност при МВР.

Обврската за користење на кодот НМК наместо МК на регистарските таблички на возилата во државава произлезе од одредбите на Преспанскиот договор со Грција.

Ребека Спасова М-Нет