
Дива свиња вчера била удрена на автопатот Штип – Миладиновци. На овој, па и на другите автопати во државата често може да се слушне за сообраќајна несреќа со диви свињи или воопшто со дивеч. Возачите, особено во зимскиот период, често може да се соочат со диви животни, освен диви свињи, има и срни, елени зајаци. Неретко несреќите завршуваат и со фатален исход или најмалку со голема материјална штета.
За конкретниов случај за кој вчера објави Телевизија М-Нет имало пријава на 112, а од Центарот за управување со кризи велат дека во ваков случај уште веднаш се информира надлежната подружница на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, зашто дивечот е под нивна надлежност. Доколку, пак, нема таква подружница, се известува Локалната самоуправа која дејствува преку нивниот Сектор за општи, правни и нормативни работи.
Дивите животни во потрага по храна ги уништуваат заштитните огради на патиштата и додека претрчуваат преку коловозот може да се случи и судир со возило. За одржувањето на заштитната и еластичната ограда на патиштата надлежно е Јавното претпријатие „Македонија пат“, кое за оваа обврска склучува договор со Јавното претпријатие за државни патишта, ни објаснија од таму. Од „Македонија пат“ велат дека патиштата, заштитните и еластичните огради постојано се одржуваат. За конкретниов случај оставаат да реагираат и останатите надлежните институции, па да се утврди каде е нивната одговорност.
На крај, со материјална штета останува и возачот. Од осигурителните компании велат дека доколку на автопат, каде што има заштитни огради, на возач му се случи сообраќајна несреќа со диво животно, првенствено што треба да направи е да го пријави случајот во МВР. Велат дека одговорноста паѓа на правното лице под чија надлежност е патот каде што се случила несреќата, до каде што пристигнува поарување откако проценител ќе направи процена на настанатата штета. Со фактурата за поправка на возилото потоа се доставува побарување до правното лице, кое треба да ги исплати средствата потрошени за поправка.
Ребека Спасова М-Нет