
Тешка година за оризопроизводителите од кочанско, доцната сеидба на оризот, врнежите од дожд, но и ниската откупна цена ги става во мат позиција. Над 20% од нивите сѐ уште стојат со ориз, бидејќи во каливите површини не може да влезе никаква механизација. Дополнително и она што се жнее е со слаб квалитет, а не може ниту да се продаде. Откупот е сведен на минимум, велат земјоделците од овој регион, а и откупната цена е незадоволителна за нив.
„Откако јас памтам ова се нема случено, ориз да се жнее во декември. И 20% во селата Жиганци, Соколарци не е ожнеано. И тоа што се жнее е со многу лош квалитет – тоа е еден проблем, вториот проблем е што не се откупува.“ – вели Арсов.
Борче Ангелов од село Спанчево има шест хектари ориз, ама еден хектар уште не му е ожнеан. Вели штетите се големи, а проблем е што стои и ланскиот ориз во амбарите и никој не го откупува.
„Штетите се 100% оваа година, со цената и откупот и со времето.“ – вели Ангелов.
За алармантната состојба во кочанскиот регион, оризопроизводителите бараат средба со ресорниот минисетер за да се направи калкулација за нова производна цена на оризовата арпа. Последните посеани хектари очекуваат да ги ожнеат до крајот на годината. Во овој регион ориз се произведува на површина од околу 4.000 хектари.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет