Надминат проблемот со откупот на млекото, останува битката за повисока цена

Надминат големиот проблем со откупот на млекото, тврди министерот за земјоделие Борче Серафимовски. По протестите на сточарите, тој вели дека откупот повторно тече и млекото повторно се презема од производителите. Според Серафимовски, до решението дошло по средбите со млекопроизводителите и млекарниците. Владата, како што рече, им помогнала на млекарниците полесно да ги пласираат наталожените залихи на млечни производи. Со тоа, тврди министерот, бил овозможен непречен откуп на млекото. Серафимовски порача дека целта била ниту еден сточар да не остане без можност да го предаде произведеното млеко.

,,Исто како што напоменав и за оризот, имав средба и со млекопроизводителите и со млекарниците, кои што го откупуваат млекото. Проблемот го надминавме, продолжи откупот на млекото, бидејки дојде момент кога беа загрозени сточарите, односно нивното млеко да остане и да не може да го предадат на откупните центри. Така да направивме средба со нив, ги собравме сите информации и проблематики, а воедно се оствари средба и со млекарниците од тој регион, кааде што ние како држава и влада пристапивме кон помош на млекарцниите за пласирање на своите млечни производи кои што ги има во исклучително големи залих, со што направивме еден баланс да продолжи откупот на млеко.“, кажа Серафимовски

Откако, според министерот, е надминат проблемот со откупот, следен предизвик останува цената на млекото. Серафимовски вели дека се бара начин таа да се зголеми, но додава дека тоа зависи од повеќе фактори.

,,Нормално цената на млекото исто така зависи во од зависност од квалитетот на млекото, но ние се трудимие да видиме колку се можеме да ја зголемиме цената на млекото, бидејки сепак тоа зависи од многу фактори.“, додава Серафимовски

Дали проблемот навистина е трајно решен и дали откупот ќе продолжи без нови застои, ќе покаже состојбата на терен во наредниот период

Иван Митев, М-Нет