
Пополнет е капацитетот на сите пет објекта на детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани, а на листата на чекање има уште околу 150 дечиња. Во градинката се примени и повеќе деца од тоа што дозволува капацитетот, но листата сѐ уште е долга. Установата до Советот на Општина Кочани има поднесено барање за согласност за зголемување на бројот на деца во сите 31 група, каде би имало место за уште по седум деца повеќе од определениот број.
„Во сите објекти се згрижени околу 680 деца, што е многу повеќе од просторниот и кадровскиот капацитет со кој располагаме. Поради интересот на родителите, принудени сме да бараме согласност од Општината за проширување на секоја од групите за уште по околу 40 отсто“, истакна Јованка Ефтимова, директорка на детската градинка „Павлина Велјанова“.
Просторните можности треба да ги зголеми објектот во населбата Драчевик, но таму има проблеми во изведбата на градежните работи. Но проблемот е и од кадровски аспект, ограничен е бројот на негувателки, воспитувачки и друг помошен персонал во сите објекти на градинката.
„Дополнителен проблем е што сме ограничени и со бројот на негувателки, воспитувачки и друг помошен персонал, затоа што во изминатите две ипол години во пензија заминаа 21 вработен, до крајот на годината ќе заминат уште двајца, а се пополнија само осум места. Проблем за проширување на просторните можности е што новиот објект во населбата Драчевик, со капацитет за 125 деца, две години по изградбата сè уште не е во функција поради технички проблеми при изведбата на градежните работи“, додава Ефтимова.
Проблемот, веројатно, ќе се продлабочи со почетокот на новата учебна година, кога се зголемува и интересот на родителите за згрижување на нивните деца. Тоа ќе значи и проширување на листата на чекање, но од детската градинка очекуваат Советот да има разбирање за состојбата и да даде согласност за зголемување на бројот на деца во групите.
Ребека Спасова М-Нет