Заврши надзорот на контактите на починатата пациентка од штипско по каснување од крлеж

Заврши здравствениот надзор кај контактите на 27-годишната пациентка од штипска која почпина по инфекција со каснување од крлеж. Информацијата ја потврди директорката на штипскиот Центарот за јавно здравје, Марија Димитрова, која посочи дека во перидот од 14 дена ниту едно од лицата не пројавило симптоми. Вели за истото е поднесен Извештај до Институтот за јавно здравје во Скопје. Здравствените лица смируваат дека нема простор за паника и повеќе заразени лица со конго-кримска хеморагична треска.

„Вкупно 29 се под надзор од првата пациентка, меѓутоа за ден – два веќе им истекува надзорот на тие лица. Од новиот контакт со новата пациентка 11 се под надзор и тие се следат. Да се разбереме, пренесувањето на инфекцијата не настанува од ваков обичен разговор, туку треба секрети, крв и така натаму за да се пренесе. Тоа не е битно дали ќе дојде на работа, дали ние ќе разговараме или не, туку дали ќе се развие болеста и ќе имаме извор на зараза за да се пренесе на некого“, вели д-р Добринка Наунова Јовановска од ЈЗУ УК за инфективни болести.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека досега има решенија за вкупно 40 луѓе под наздор, а 29 се поврзани со првиот случај кај пациентката од штипско. Здравствениот надзорот подразбира да се следи температура, дали ќе се јави каков било симптом и доколку се јави, веднаш да се направат испитувања. Заразената болничарка е во стабилна состојба, а нејзини контакти кои се под надзор се 11 лица.

„Што подразбира здравствениот надзор? Контактите ќе треба да се јавуваат и да бидат во постојан контакт со дежурниот епидемиолог од Центарот за јавно здравје. Тоа не е класична изолација, меѓутоа не треба да имаат контакт со останатите, потесното семејство, едноставно да издржат овие 14 дена да не се прошири оваа зараза и јас се надевам дека ова ќе биде и последниот случај. Што се однесува до претходните 29 контакти, од тие една, еве, се потврди како случај. Вкупно имаме издадено решенија за здравствен надзор за 40 луѓе“, додава директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска.

Дека нема простор за избивање нова епидемија велат и од Комисијата за заразни болести. Портпаролот, д-р Злате Мехмедовиќ, вели дека вакви случаи имало и може да има и понатаму, но во моментов не очекуваат да има нови потврдени случаи со што би дошло до нова епидемија.

Ребека Спасова М-Нет