М-Нет ги додели наградите за најдобрите спортисти до 18 години за 2023 година на град Штип

Спортисти, спортски работници, тренери, членови на спортски клубови и здруженија, спортски новинари и луѓе кои придонеле во областа на спортот од ваков карактер вчеравечер беа дел од првата манифестација за Избор на спортист до 18 години на град Штип за 2023 година во организација на М-Нет телевизија. Целта на ваквата манифестација беше да се афирмира спортот, да се поттикнат младите да спортуваат и да водат здрав начин на живот. Тенденцијата останува ова да прерасне во традиција и ќе се прошири и на Регионално ниво.

Младата Андреа Нисева од БК Олимпија се закити со првото место, според комисијата втора награда доби Андреј Басаров, а трета Зоран Шоров.

„Секој успех на спортистите, е успех на градот, гордост за Штип, но и државта“ – потенцираше градоначалникот Јорданов на вчерашниот настан.

„Да ја поздравам редакцијата на М-Нет телевизија која како организтор на оваа манифестација кој дава поддршка на развојот на спортот во нашиот град е дополнителен мотив за нас како Локална самоуправа заеднички да продолжиме со афирмација и промоција на спортот, зголемување на бројот на спортисти, рекреативци кои ќе спортуваат, ќе нижат успеси и ќе бидат наши амбасадори. Успехот на секој спортист е успех на градот, успех на државата. Со секој успех на вас спортистите се гордееме ние како штипјани и како македонци. Затоа вие сте нашата гордост во која треба заеднички да вложуваме“ – вели Јорданов.

Претходно во периодот од 18 јануари до 5 февруари, спортитстите имаа можност да се пријавуваат на официјалната веб страница и во просториите на М-Нет телевизија. Пристигнаа над 60 пријави, па тешка беше и задачата на Комисијата за избор. 20 спортисти добија признаија, а се доделија парични награди за првото, второ и трето место. Манифестацијата беше збогатена и со забавно – музичка програма.

Лаура Стојанова М-Нет