
Музика, топли пастрмајлии, раздвиженост на шеталиштето „Ванчо Прќе“ – втор ден по ред во тек манифестацијата штипска пастрмалијада. Денеска настаните започнаа со настап на дечињата од детската градинка „Вера Циривири Трена“ – Штип, кои ја промовираа песната за пастрмајлијата, рецитираа за градот Штип, а на присутните посетители им поделија и сувенири.
„Денес втор ден од штипската Патрмалијада 2025, нашите дечиња од детската градинка Вера Циривири Трена ја промовираа песничката која стручна служба на чело со музичкиот педагог ја компонираше токму за пастрмалијата. Воедно изрецитираа рецитал наменет за градот Штип и за пастрмајлијата, а дечињата изработија и сувенири, мали пастрмајлии, автентични за градот Штип и ги поделивме беспалтно на сите посетители.“ – вели Ангеличкова.
Целта е да се негува традицијата од мали нозе. Токму затоа и деновиве сѐ е во знакот на пастрмајлијата, во знакот на културата и традицијата.
„Сето ова го припремивме затоа што ние сме детска градинка, јадрото, почетокот на изучување и зачувување на традициите.“ – додава Ангеличкова.
Родители, баби и дедовци – сите задоволни од она што се понуди годинава по повод штипската пастрмалијада. Граѓаните велат традицијата треба да продолжи и во иднина.
На шеталиштето настапија и дечињата од Весело штурче, а концертниот дел е закажан за вечерва на градскиот стадион во Штип каде ќе настапат Елена Ристевска, Владо Јаневски и Дино Мерлин.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет