Моменталната состојба со Ковид–19 во образованието во Делчево

Од вчера две нови негователки позитивни на Ковид 19 во Делчевската градинка ,,Весели Цветови,, Објект број 1. Со тоа во изолација со решение одат и десет деца и пет вработени а осумнаесет деца остануваат во самоизолација со што објектот број 1 на детската градинка останува затворен седум дена, потврди директорката Биљана Симовска. Таа потенцираше дека во градинката доследно се спроведуваат и почитуваат сите протоколи за заштита од Ковид 19, но кризата која го опфати светот не ги одминува и градинките. Во меѓувреме извршена е дезинфекција и се прават редовни комуникации со епидемиолог и санитарен здравствен инспектор, кои ги даваат сите насоки за заштита, истакна директорката Симовска. Претходните тројца заразени вработени во градинката во Објектот број 2 сеуште не се вратени на работа бидејки немаат потврда за негативен тест, додека дванаесетте деца и двајцата вработени кои беа изолирани поради контактот со нив се негативни и вратени од изолација додаде директорката.

Инаку освен еден наставник во изолација во моментов во Делчевските две Основни училишта и во Средното училиште состојбата со Ковид 19 е стабилна, изјави советникот за образование при Општина Делчево Ванчо Новоселски. И онлајн наставата се одвива релативно добро и без поголеми потешкотии. Во СОУ „Методи Митевски – Брицо“ 401 средношколец ја следат наставата онлајн, додека во Централното училиште ОУ „Ванчо Прке“ 150 ученици од прво до трето одделение ја следат наставата со физичко присуство, останатите учат онлајн. Со физичко присуство се и учениците во двете Подрачни училишта во селата Звегор и Габрово. Во Централното ОУ „Св.Климент Охридски“ пак 244 ученици од прво до трето одделение ја следат наставата со физичко присуство, останатите наставата ја следат онлајн. Во подрачните училишта на селата Стамер, Град, Вирче, Тработивиште и Разловци сите ученици наставата ја следат со физичко присуство.

Сунчица Маринкова – Сосиева М Нет

Игор Зиврев М Нет