
Со музика и песна членовите на Градскиот хор – 2019 од Штип одбележуваат 91 година од смртта на револуционерот познат како Дончо Штипјанчето. Синоним на револуционерна тврдокорност, тивок, скромен, чесен и трудољубив, како прв курир на Револуционерната организација важел за една од најзначајните фигури во истата. За ваквото значајно херојско дело чест оддаваат и членовите на Хорот.
„Членовите на Градски хор Штип – 2019 на овој ден сакаат да му оддадат почит на македонскиот револуционер Андон Стојанов Тошев, меѓу народот познат како Дончо Штипјанчето, кој починал на денешен ден. Дончо Штипјанчето е синоним на револуционерната тврдокорност и храброст. Од страна на турските власти бил фатен како пренесува бомби и патрони скриени во вреќи со ориз кои ги пренесувал од Штип за Битола, а му биле дадени од страна на Гоце Делчев и Даме Груев. Веднаш бил затворен и подложен на малтретирања, на најжестоки мачења за да признае за кого биле наменети тие бомби. Дончо никого не издал, иако ја знаел целата структура на Македонската револуционерна организација. За неговото држење и непокор почит му оддале дури и турските власти“, вели Бале Лазаревски, претседател на Градски хор Штип – 2019.
Во оваа прилика Градскиот хор ја интерпретираше револуционерната песна „Ми товарил калеш Дончо“, во која е опеано името на славниот Андон Стојанов Тошев.
По многуте прогонства, затворања и измачувања Дончо Штипјанчето ја продолжил својата дејност во Ќустендил, каде и починал. Градскиот хор во Штип преку песна ги опејува имињата и на останати славни личности од Штип и штипско, за што сведочат бројните настапи и снимени аудио и видео записи.
Ребека Спасова М-Нет