
Дваесетина дена ќе се работи на крстосницата во населба Сењак, а истата ќе биде затворена за сообраќај. Како што истакна градоначалникот Јорданов, по застој кој траеше извесен период и промена на проектот, градежните активности се одвиваат со засилен интензитет. Според него, со ова ќе се работи на една исклучително важна сообраќајна точка во Штип која со години имаше потреба од реконструкција.
„Во консултации со Министерството за транспорт и врски одлучивме да направиме измена на дел од проектот со што истата ќе добие дополнителна сообраќајна лента и затоа што извесно време имаше застој на градежните активности сакам да се извинам на месното население коешто имаше отежнато движење. Веќе активностите се одвиваат со засилен интензитет, што ќе придонесе за зголемена безбедност. Станува збор за инвестиција од 11.000.000 денари преку Светска банка и Министерството за транспорт и врски“, истакна Јорданов.
Градежните активности ќе траат најмногу 20 дена, со можност, како што додаде Јорданов, да бидат завршени и пред одредениот рок.
„Проектот предвидува светлосна сигнализација, затоа што нема услови за кружен тек. Затоа што ќе има додатни сообраќајни коловозни ленти, очекувам да има побрз проток на возила, поголема безбедност и, нормално, разубавување на овој дел од градот“, додаде Јордaнов.
За светлосна сигнализација на оваа крстосница беше одлучено со последното борење, кога било утврдено дека има проток од 1200 возила на час со еднакво оптоварување помеѓу главната и споредната улица. За предвиденото проширување беа отстранети и десетина привремени објекти.
Ребека Спасова М-Нет