„Мицкоски сака водата и струјата на граѓаните да ги продаде за профит на странски дата центри“, вели Дојчиновски

„Мицкоски и ВМРО-ОКГ сакаат да ги продадат водата и струјата на граѓаните за интереси на странски дата центри и сопствени тендерски профити. Мицкоски и ВМРО-ОКГ инсистираат на големи комерцијални дата центри во Македонија, и покрај сериозните ризици кои ги носат овие проекти и и покрај примерите од светот каде градовите и државите се откажуваат од нив“, рече Кристијан Дојчиновски, СДСМ.

„Мицкоски повторно гледа за себеси во големите тендери – во градежништвото, инфраструктурата и „придружните“ услуги. Јавните ресурси се пренасочуваат кон приватни џебови, а граѓаните остануваат да плаќаат повисоки сметки. Иако дигиталната трансформација е важен приоритет, привлекувањето на хипер-скала дата центри претставува непропорционален стратешки ризик за нашата земја.

Овие објекти трошат екстремни количини електрична енергија и чиста вода, додека економскиот поврат (вработување и даночни приходи) е минимален. Еден голем дата центар троши меѓу 1 и 3 милиони литри питка вода дневно, колку што троши град со 15.000 до 30.000 жители.

Во услови на климатски промени, суши и воден стрес, ова директно ќе доведе до рестрикции за домаќинствата и земјоделството. Нашиот енергетски систем е веќе ранлив. ЕСМ работи со загуби и застарена технологија, МЕПСО има проблеми со балансирањето поради соларниот бум, а ЕВН се соочува со раст на пазарните цени.

Додавањето на масивни 24/7 потрошувачи ќе ја зголеми зависноста од увоз, ќе ги покачи сметките за струја за граѓаните и ќе ја загрози стабилноста на мрежата.

Вработувањето е исто така разочарувачко, само 25 до 50 директни работни места по објект, со поголемиот дел од управувањето на „remote“. Ова не е развој, туку создавање на „изолирани острови“ кои црпат ресурси, а профитот го извезуваат надвор.

Светот веќе реагира:

• Во Холандија, Meta го откажа големиот проект во Zeewolde поради отпор од граѓани и фармери заради огромна потрошувачка на енергија и влијание врз земјоделството.

• Во Ирска, владата воведе мораториум на нови дата центри околу Даблин до 2028 година, бидејќи тие трошат над 20% од електричната енергија на земјата.

• Во САД (Аризона, Вирџинија, Мисури и др.), десетици проекти во вредност од десетици милијарди долари се блокирани или откажани поради недостиг на вода, раст на сметките за струја и уништување на локалната средина.

СДСМ бара:

• Мораториум на изградба на нови комерцијални дата центри кои користат системи со испарување на вода.

• Доколку се дозволат помали проекти за државни потреби, инвеститорите да бидат законски обврзани на исклучиво воздушно ладење без потрошувачка на вода и сопствено производство на енергија со соларни паркови и батерии, без повлекување од националната мрежа.

Јавно ги повикуваме Мицкоски и ВМРО-ОКГ да ја прекинат оваа неодговорна политика и да ги стават интересите на граѓаните и одржливиот развој на прво место, наместо своите тендерски и провизиски интереси“, изјави Кристијан Дојчиновски, СДСМ.

Текстот (Видео) „Мицкоски сака водата и струјата на граѓаните да ги продаде за профит на странски дата центри“, вели Дојчиновски е превземен од МАКФАКС.