Мицкоски од Пелинце: Секоја генерација има свој Илинден, нашата задача е да ја зачуваме државата

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека секоја генерација има свој Илинден, со сопствена мисија и одговорност, а задачата на денешната генерација е да ја зачува државата силна, да ја направи просперитетна и праведна.

Во обраќањето во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, Мицкоски истакна дека почитта кон илинденците и асномците не треба да биде само сеќавање на минатото, туку и потсетување на обврската што ја имаат денешните генерации.

„Историјата не бара од нас да ги повторуваме нивните чекори. Историјата бара да ја покажеме истата храброст. Некои генерации се бореле против империи, некои за држава, некои ја бранеле слободата со оружје. Нашата генерација има поинаква, но не помалку тешка задача – да ја зачува државата силна, да ја направи просперитетна и да создаде земја во која луѓето ќе веруваат дека вреди да се остане и да се гради иднината“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека славното минато не смее да биде место за засолнување, туку темел од кој треба да се црпи сила за иднината.

„Народ што живее само од својата историја полека почнува да ја губи својата иднина. Но народ што ја почитува својата историја, а храбро ја создава својата иднина, тој народ никој не може да го запре“, порача премиерот.

Мицкоски посочи дека е свесен оти денес Македонија не е државата за која сонувале илинденците и асномците, но нагласи дека токму тоа, како што рече, е задачата на денешната генерација – да ја врати таквата татковина.

Тој оцени дека со конкретни чекори и дела се враќа довербата кај граѓаните и се создаваат примери во кои, како што рече, „Македонија победува“.

„Можеби за некого тоа не е доволно, но за многумина секој ден, чекор по чекор, одлучно како и во минатото, правиме дела и чекори со кои ја враќаме вербата“, рече Мицкоски.

Премиерот се осврна и на политичките состојби во земјата, обвинувајќи ги поранешните власти дека, како што рече, позициите во институциите ги одржувале преку отстапки и одлуки спротивни на интересите на државата.

„Сетете се само пред неколку години какви беа односите на политичките сили во државата. Колку граѓаните беа мајоризирани пред налетот на разно разни интереси на политичките елити. Денес тие се длабоко во опозиција, распаднати помеѓу своите лични интереси и далеку од столчињта на власт кои ним им овозможуваа удобен живот. Горчливиот пелин од тие отстапки го чувствуваме и денес, и да бидеме реални, нема Македонец кој со чувство на тегоби не се потсетува на таквите одлуки. И она што ме загрижува, наместо да имаме натпревар со идеи, концепти и предлози, се создаваат блато, составено од многу нихилизам, омраза, ширење на епидемија од дефетизам, како супстит на квалитетна понуда“, рече Мицкоски.

Тој порача дека нема да се откаже од борбата Македонија да биде подобро место за живеење и дека нема да прифати, како што рече, нови отстапки за прашања кои се поврзани со патот кон Европската Унија.

„Нашата генерација има обврска да ја сочува душата, да ја врати вербата во институциите, достоинството на чесниот човек и повторно да ја направи надежта најсилната движечка сила на нашето општество“, порача Мицкоски.

Текстот (Видео) Мицкоски од Пелинце: Секоја генерација има свој Илинден, нашата задача е да ја зачуваме државата е превземен од МАКФАКС.