
Милионски казни и стотици надзори за само една недела. Пазарниот инспекторат со засилени контроли во трговијата, угостителството и финансиската дисциплина. Во периодот од 27 октомври до 2 ноември, инспекторите спровеле 359 контроли низ целата држава, при што биле издадени 83 прекршочни платни налози во вкупна вредност од над 2,2 милиони денари.
Најголем дел од казните се однесуваат на непочитување на Законот за финансиска дисциплина, каде биле изречени 44 прекршоци. Казни има и во трговијата и угостителството, каде што инспекторите откриле неправилности во работењето, непоседување соодветни документи и непочитување на законските обврски.
Во другите области, како занаетчиство, заштита на потрошувачи и метрологија, биле регистрирани помал број прекршувања, но и таму се изречени парични санкции. Освен казните, инспекторите изрекле и 24 опомени, по кои ќе следат контролни надзори. Од Пазарниот инспекторат велат дека контролите ќе продолжат и во наредниот период, во согласност со годишниот и месечниот план за работа, но и по пријави од граѓани и институции.
Инспекциите, велат од таму, имаат цел не само да санкционираат, туку и да го поттикнат почитувањето на законите и фер пазарното работење. За било какви неправилности, од државниот пазарен инспекторат апелираат граѓаните да пријават на нивниот официјален број или на нивната веб страница.
Иван Митев, М-Нет