Меѓународен ден на младите – што да се направи за останат во земјава?

Половина од луѓето на планетата се млади на возраст под 30 години, а уделот на оваа возрасна категорија во вкупниот број население до крајот на 2030 година се очекува да достигне 50%, покажуваат истражувањата на Обединетите нации. Но кај нас, бројот на млади на возраст од 15 до 29 години значително се намалува, односно населението старее со 6 отсто помалку млади од Пописот во 2002 година. Ако во 2002 година 24% од населението биле млади, на последниот Попис тој процент изнесува 18. Меѓународниот ден на младите – 12 август низ земјава се одбележува со низа активности, а засегнатите страни зборуваат за младинските политики кои треба да ги задржат младите во државата. Меѓутоа, едно истражување на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, покажа дека најмалку 900 млади од последнава генерација би заминале во странство.

„Кај оние коишто не би се запишале на Универитет, а тие се околу 30%, средношколци од четврта година, исто така од нив 24 % би сакале да се иселат. Доколку земеме во предвид дека оваа година за државна матура од овие региони се пријавени нешто повеќе од 3.500 матуранти и ако ги вкалкулираме овие статистики кои што не се егзактни, туку се сериозно индикативни тогаш би можеле да дојдеме до бројка од околу 900 млади, коишто потенцијално би ја напуштиле државата, само од последната генерација. Тоа е навистина голема бројка“, вели професорот Страшко Стојановски.

Младите од градовите во Истокот, како Штип, Македонска Каменица, се на врвот на листата за заминување во странство, покажува истава анкета на штипскиот Правен факултет. Според глобалните истражувања, 67 отсто од луѓето веруваат во подобра иднина, а младите на возраст од 15 до 17 години се најголеми оптимисти.

Денешниот ден, 12 август, како Меѓународен ден на младите е назначен од Обединетите нации за да се прослави придонесот и потенцијалот на младите луѓе ширум светот. Процесот што доведе до воспоставување на денот започна во 1991 година, а првиот ваков ден беше прославен на 12 август 2000 година.

Ребека Спасова М-Нет