
Штип годинава беше меѓу седумте општини кои спроведоа и авионско и прскање од земја против комарци. Тоа неодамна го покажа Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. За жал, и годинава третирањето не одеше преку Центарот за развој на Источниот плански регион оти општините не успеаја да се договорат за регионално прскање. Затоа на почетокот на годинава општинскиот Совет го донесе планот со кој требаше Општината сама да се справи со комарците. Акциониот план предвидуваше пет третмани за ларвицидна дезинсекција, пет третмани за тереистичка адултицидна дезинсекција и три третмани на авионска адултицидна дезинсекција, што значи дека се прскаше десетпати од земја и трипати авионски. Но дали планот беше успешен? Штипјани се поделени во однос на ова прашање. Дел од нив сметаат дека прскањето нема никаков ефект, но има и такви кои велат дека ефектот од прскањето и тоа како се гледа.
„Јас не сум видел авион да помине. Има комарци колку сакаш. Како водичка да прскаат“, вели штипјанец.
„Има ефект од прскањето, нема комарци“, додава штипјанка.
Штип, сепак, е и меѓу шесте Општини кои платиле најмногу пари за справување на комарците и за тоа придонесува што обезбедиле авионско прскање. Во акциониот план на Општина Штип беше предвидена сума од вкупно 2.000.000 денари, што речиси соодвестува и со Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, според кое, Општина Штип потрошила 36 илјади евра.
Инаку, на ниво на држава, справувањето со комарците општините ги чинело вкупно 770 илјади евра. Меѓутоа, на ваков чекор се одлучиле само 39 општини и еден плански регион со девет општини, што значи дека вкупно 48 општини годинава презеле мерки за уништување на комарците. Од Источниот Регион тоа го направиле седум општини.
Ребека Спасова М-Нет