Месото и млечните производи се први продукти за штипјани кои треба да се продаваат поевтино

Месото и млечните производи се на врвот на листата на штипјани за тоа кои производи треба да се продаваат по пониска цена. Министерот за економија, Крешник Бектеши, кој најави намалување на цените за најмалку 10%, не откри за кои производи станува збор, туку само посочи дека со владината одлука педесетина производи ќе се продаваат поевтино. Посочи оти намалувањето нема да биде од септемвриските или августовските цени, туку од месеци кога, како што вели, имало пристојни цени. Додека граѓаните ја очекуваат утрешната владина одлука, секојдневно се соочуваат со високи цени, па посочуваат оти намалување треба да има на речиси сѐ. Штипјани, сепак, не се многу оптимисти дека ќе воочат значително намалување на цените.

Инаку, маркетите веќе ги отстранија и производите со акциски цени, со што повеќе нема промоции на продуктите. Со стапувањето на сила на оваа владина одлука се забрануваат сите промотивни акции на продуктите. Со оваа мерка се опфатени само прехранбените производи, додека останатите, како средства за лична хигиена, алкохолните и безалкохолни пијалоци и производите на кои им истекува рокот и натаму ќе можат да се продаваат на акција. Надлежните сметаат дека токму на овој начин се правеле манипулации со цените и се избегнува можноста за намалување на цените и нивно замрзнување.

Кои производи и по кои референтни цени ќе бидат замрзнати од среда, кога ќе почне да важи владината одлука, ќе биде објавено утре откако ќе се донесе истата.

Ребека Спасова М-Нет