
„Болните од рак од идната година ќе се зрачат во Штип“, вакви наслови кружеа во медиумите во 2014 година, кога беше поставен камен-темелникот за изградба на бункер во кој требаше да биде сместен новиот акцелератор за лекување на малигни заболувања, а кој беше набавен две години претходно, во 2012 година. Меѓутоа, по десетина години, бункерот го нема, а акцелераторот неупотребен фаќа прашина во магацин. На министерот за здравство, Фатмир Меџити, не му е јасно како е возможно да бил набавен апарат, а за него да нема инфраструктура. Вели оти тоа ќе биде променето, па истиот ќе во функција ќе се стави следната 2024 година.
„Во врска со акцелераторот што е во Штип, таму, нели, треба прво да се направи инфраструктура. Замислете, таму е направен акцелератор, а нема инфраструктура. Јас не знам како е тоа, не знам како да ви објаснам, но сега ние ќе направиме инфраструктура за тоја акцелератор, бункер, и во 2024 година тој апарат ќе го ставиме во функција со новиот Буџет“, вели Меџити.
Избраната фирма во 2014 година не го заврши бункерот за една година, па беше активирана банкарската гаранција во вредност од 100.000 евра. Изградбата во 2020 година беше во рацете на грчки „Интракат“, но без распишан тендер, што предизвика бурни реакции во јавноста за фирмата која заедно со бункерот требаше да ја гради и новата Клиничка болница, а за која неколкупати ги пробиваше роковите. Меџити вели дека постапката за нов тендер и нов изведувач е во тек, а Болницата ќе се гради со досега невидена динамика.
„Тоа што е во штипска болница, знаете, болницата, за жал, не се гради седум години или десет. Сега е веќе крајно време, течат сите рокови и процедури, ќе почне со еден невиден динамизам досега да се гради за да се изгради таа болница“, додава Меџити.
Акцелераторот за Штип беше дел од големиот тендер за набавка на медицинска опрема од јуни 2012 година, кога беше склучен договор за набавка на два акцелератори во Штип и Битола. Меџити вели дека Штип, Тетово и Битола треба да станат онколошки центри, односно пациентите својата терапија да ја примаат и во другите регионални центри, а не само во Скопје и повремено во Битола, бидејќи на тој начин ќе се растерети скопска Онкологија.
Ребека Спасова М-Нет