
Тошо Антов, планинар и доброволен-пожарникар започнува иницијатива за изградба на Меморијален паметник за децата починати од трагедијата во кочанската дискотека. Тој е родител на преранопочинатата планинарка Ивона Антова, која животот го изгуби во пожарот во дискотеката. Инцијативата е да се изгради споменик на м.в. Аеродромот кој се наоѓа на патот кон Пониква.
Како што вели за М-Нет телевизија, станува збор за изградба на мини парк со паметник како место на кое ќе живее споменот за сите 59 починари луѓе во трагедијата во Кочани.
„Идејата е да се издигне 8 метарски столб кој ќе биде во вид на скали и секоја скала ќе означува по еден загинат живот. Ќе се започне од најмладиот починат па се до највозрасниот, а на крајот ќе има знак за бесконечност. Дополнително околу споменикот ќе се садат секоја година по 60 дрвца во круг, а просторот ќе биде и хортикултурно уреден“ – истакна Антов.
Дополнително, кочанчанецот Дарко Арсов направи проект за да се создаде меморијален парк кој ќе го одржува споменот за загинатите 60 млади луѓе.
„На местото каде што загинаа 60 млади луѓе, има можност да се создаде нешто значајно – меморијален парк од 1600 квадратни метри, кој ќе биде не само место за сеќавање, туку и простор за тивка почит и духовно обновување. Високите тополи ќе создадат чувство на заштитеност и интимност, додека меморијалниот ѕид со имињата на загинатите ќе носи емоционална тежина и ќе биде сведоштво за нивната жртва. Фонтаната, која симболизира животот и обновувањето, и малата црква ќе внесат духовен аспект, создавајќи мирна и медитативна атмосфера.“ – напиша Арсов на својот фејсбук профил.
Додава дека Зеленилото, лаванда и други природни елементи ќе го обогатат просторот, додавајќи му на овој меморијален парк мирна и смирена атмосфера.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет