Медните производи од десетина града денеска се изложија во Кочани на „Денови на медот“

Повеќе пчелни производи денеска беа изложени во Кочани во рамки на манифестацијата „Денови на медот“, која традиционално се одржува. Годината за пчеларите беше медна, потврдува претседателот на Здружението „Матица“, Борче Атанасов, па затоа овде може да се видат и вкусат голем број производи.

„Денес го претставуваме медот како наш драгоцен производ, како производ кој е драгоцен за сите луѓе, пред сѐ како здрава храна, која во последно време треба да е прироритет на секое семејство. Оваа година за пчеларите беше напорна, работна и на крајот беше медна, што беше задоволство на сите“, вели Борче Атанасов, претседател на ПЗ „Матица“ – Кочани.

Пчеларството се популаризира и меѓу младите, додава Атанасов, а доказ за тоа е што помеѓу двете манифестации, оваа и минатата година, зголемен е бројот на млади луѓе кои почнале да се занимаваат со пчеларство.

„Ние минатата година кажавме дека сакаме пчеларството да го промовираме меѓу младите, бидејќи тие се иднината на секоја работа. Резултатот е видлив, бидејќи во текот на минатата година имаме дваесетина нови членови, претежно млади луѓе“, додава Борче Атанасов, претседател на ПЗ „Матица“ – Кочани.

Манифестацијата и оваа година е поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од таму велат дека кај нив се пријавени околу 6.500 пчелни семејства.

„Министерството активно ги поддржува пчеларите и пчеларските здруженија преку разни други програми, како што е Програмата за директни плаќања, што се однесува на поддршката за преземени пчелни семејства. Имаме околу 130 апликанти, односно семејни земјоделски стопанства кои се бават со пчеларство и пријавуваат околу 6.500 пчелни семејства“, вели Горанчо Миладинов, раководител на подрачна единица при МЗШВ.

На овогодинешната манифестација „Денови на медот“ имаше излагачи од Куманово, Битола, Берово, Пехчево, Штип, Виница, Пробиштип и Кочани, кои пред кочанчани и присутните гости ги изложија своите медни производи.

Ребека Спасова М-Нет