
Мајскиот мраз го изгоре расадот на тутунопроизводителите од потплачковичките села. Наместо подготвен за садење, расадот раздени пожолтен и уништен од утринската слана. Ниските температури не поштедија ништо, дури ни леите покриени со најлон, а оштетен е и дел од веќе засадениот тутун во нивите. Производителите велат дека штетите достигнуваат и до 60 проценти, па многумина остануваат без решение. Неочекуваниот мраз среде мај им донесе нови трошоци и страв дека сезоната ќе почне со големи загуби.
,,На расадот имаме штети и тоа невероватно во плачковичкиот дел од сланата што го зафати регионот. На повеќе луѓе им изгоре расадот. 60 % се оштетени и што има некој почнато да сади во нива и тоа е оштетено, сега треба одново да има сеидба. Никој не е очекувал вакво време да има, се изгоре. Како што беше покриен расадот во леите целосно изгоре, покриено под најлон, чудно е. Слана многу имаше и мраз.“, кажа Ибраим
По големите штети од мразот, тутунопроизводителите сега ќе бараат спас во расад од други ниви и производители. Велат дека за нова сеидба веќе е доцна, па единствено решение е да се снајдат за да ја спасат сезоната.
,,Што да правиме, мора да се трудиме. Ако не можеме да најдеме од некој од поле, мора да се трудиме да колку ќе успее да имаме. Нема време веќе, нема шанса за да се сее од ново, многу касно ќе биде.“, додава Ибраим
Сега тутунарите велат дека ќе се снаоѓаат како знаат и умеат, само да спасат што може од годинашната реколта. Како што велат, тешко е, ама нема откажување – ќе се бори секој за своето поле до крај.
Иван Митев, М-Нет