Масовна посетеност на црквата во Ново Село, се слави празникот Рождество на Пресвета Богородица

Масовна посетеност во црквата во штипско Ново Село по повод денешниот празник Рождество на Пресвета Богородица. Верниците запалија свеќи и се помолија за здравје, мир, среќа и бериќет. Велат ова е еден од поголемите празници кои се слави, а тоа се докажуваше и преку посетеноста во црквата како од утринава така и вчеравечер.

„Мојата порака до сите православни христијани е да живеат во мир, слога, среќа. Да дава Господ благодет за сите, мир и спокој.“ – велат анкетираните

На 21-ви септември секоја година православните христијани го слават празникот посветен на раѓањето на пресвета Богородица, познат и како Рождество на пресвета Богородица.

Мајката на Исус Христос, Марија е позната и како Светата Мајка, Блажена Марија, Дева Марија, Богородица, а денешниот празник, кој се слави околу 1 месец по празникот по повод нејзиното упокојување, се нарекува уште и Мала Богородица.

Пресвета Дева Марија се родила од своите стари родители Јоаким и Ана, кои веќе биле остарени, а немале деца. Тие му се молеле на Бога со плач да им подари едно чеда, па така Бог им ја подарил ќерката и Божјата Мајка.

Марија, попозната како Богородица била родена во Назарет, а 3 години подоцна била одведена во храмот јерусалемски, од каде што пак се вратила во родното место и таму jа слушнала благовеста на Светиот Архангел Гавриил за раѓањето на Синот Божји од нејзиното девствено тело.

На денешен ден се слави нејзиното раѓање, а овој празник има големо значење за христијаните.

Се верува дека Богородица е заштитничка на мајките и воопшто на леунките, а нејзе треба да ѝ се помолат и жените што наскоро треба да се породат за да имаат полесно породување.

Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што се борат за потомство, па затоа на денешен ден, тие носеле дарови во црква и се молеле пред нејзината икона.

Лаура Стојанова, М-Нет