Мамографските прегледи за источниот регион времено префрлени во Кочани по дефект во Штип


Министерството за здравство информира дека поради дефект на мамографскиот апарат во Клиничката болница во Штип, воспоставена е координирана организација со цел непречено спроведување на мамографските прегледи за жените од источниот регион.
Во рамки на ова решение, директорите на Клиничка болница Штип и Општата болница во Кочани постигнале договор со кој се обезбедува континуитет на услугата. Мамографиите ќе се вршат во Кочани, додека снимките ќе ги анализира и интерпретира стручен тим од Штип.
Според директорот на КБ Штип, д-р Владко Захариев, пациентките кај кои има потреба од дополнителен ехо преглед ќе бидат упатувани назад во Штип. Тој посочи дека се прават напори за набавка на нов мамограф, откако било утврдено дека постојниот апарат не може да се поправи.
Со новата организација, се очекува околу 100 пациентки месечно да добијат мамографски преглед. За жените од останатите градови во источниот регион е предвиден и посебен ден за прегледи, со цел подобра достапност и ефикасност.
Директорката на Општата болница Кочани, д-р Катерина Мирчовска, најави воведување на втора смена и зголемен број термини за да се одговори на зголемената побарувачка.
Од Министерството за здравство потенцираат дека институциите брзо се мобилизирале за да се надмине проблемот, а министерот Азир Алиу истакна дека ова е пример за функционална координација на здравствениот систем во услови на предизвик.