
Детонит Плачковица доживеа минимален пораз од Брегалница (0-1) во дерби натпреварот од 25. коло во Втората лига, одигран со многу борба и неизвесност, но решен со само еден погодок.
Клучниот момент се случи кога Бојан Рајков ја затресе мрежата и го донесе триумфот за штипјани. Радовишани имаа свои шанси, но не успеаја да ги претворат во голови, иако во последните дваесетина минути играа со играч повеќе.
Имено, во 72. минута голманот на Брегалница, Филип Купанов, заработи директен црвен картон поради спречување на очигледна шанса за погодок надвор од шеснаесетникот. Тоа им отвори простор на домашните за посилен притисок, но без конкретен ефект во завршницата.
По натпреварот, тренерот на Детонит Плачковица, Горан Здравков, спортски им честиташе на противниците и го потенцираше недостигот на реализација како клучен фактор за поразот.
„Честитки за Брегалница која заслужено победи денес. Ние го дадовме максимумот за да стигнеме до позитивен резултат, имавме еден борбен натпревар, но недостасуваа головите од наша страна. Се насочуваме кон следниот меч“, изјави Горан Здравков, тренерот на Детонит Плачковица.
Радовишкиот состав сега го насочува фокусот кон наредните натпревари, во обид да освои што повеќе бодови до крајот на сезоната.
Александар Ванев, М-Нет