
Мал Ајакс ќе има тешка задача на домашен терен во Штип против фаворитот Кеги Моби од Велес, меч од 3. коло на Првата футсал лига.
Штипјани како повратници во Првата лига забележаа два порази во низа, а сега ќе имаат нов тежок предизвик против Кеги Моби во обид да забележат позитивен резултат и да стигнат до првите бодови. Домашниот терен и поддршката од публиката ќе биде предност за Мал Ајакс, но Кеги Моби има поголем квалитет и по одличниот старт во новата сезона со две сигурни, убедливи и големи победи во Штип ќе бара три од три.
Осогово од Крива Паланка има лошо отварање на новата сезона, тимот практично забележа два високи порази, а ланскиот финалист од Купот на Македонија на домашен терен ќе има уште еден тежок меч против Бутел. Домаќинот ќе бара први бодови против Бутел кој сака второ славје откако претходно имаше победа и реми.
Во Кавадарци ќе се соочат Клими и тимот на Јувентус Серава – трите бодови се предизвик и за двете екипи, додека пак Проект на домашен терен како фаворит ќе го пречека дебитантот Балкан.
Третото коло го носи натпреварот меѓу Шкупи и шампионот Форца кој е фаворит за триумф. Натпреварите од првите две кола тимот од Куманово не ги има одиграно поради настапот во Лигата на шампионите, па така Форца ќе има густ распоред пред себе за да ги одигра одложените натпревари.
Третото коло во Втората футсал лига носи пет натпревари. Карадаку дома ќе игра со кочански Фудбал Старс, Партизан Југ ќе го пречека тимот на Кратово.
Ланскиот прволигаш Железарец ќе гира против Каршиака, а пак СЕЕ Универзитет ќе игра со битолски Конзули. Ланскиот прволигаш Црна Река од Кавадарци ќе игра против ССК Скопје.
Александар Ванев, М-Нет