
Малата сала во Дом на култура „Ацо Шопов“ Штип, ќе го носи името на великанот Благој Самоников. Денеска на комеморацијата, директорот на Центарот за култура, Филип Стевановски, посочи дека Самоников е најзаслужен што центарот го добил ова име и со овој мал гест даваат почит за неговата големина.
„Овој човек има направено направено многу за културата во градот Штип. Тој е „виновникот“ што Центарот за култура го носи името на Ацо Шопов. Сѐ што ќе се каже за овој човек е малку. Ние направивме еден мал гест за овој голем човек и оваа мала сцена каде се одржува комеморацијата ќе се вика Благој Самоников.“ – вели Стевановски.
На комеморацијата на Благој Самоников се читаа стихови од негови песни, бидејќи како автор тој се вбројува во елитата на македонски современи поети.
Самоников како поет и интелекуалец зад себе остави големи дела. Роден е во 1942 година, а најголем дел од својот живот го помина во Дом на култура, како директор и стручен соработник. Автор е на десетина поетски дела како и на книга драми и раскази. Добитник е на престижните награди Живко Чинго за проза и Ацо Шопов за поезија.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет