Македонија денеска официјално се приклучува кон Вертикалниот гасен коридор, една од клучните европски иницијативи за диверзификација на снабдувањето со природен гас, зајакнување на енергетската безбедност и интеграција на гасните пазари во Југоисточна, Централна и Источна Европа.
Во Солун се потпиша заедничка декларација за пристапување кон рамката за соработка на Вертикалниот гасен коридор, со што Македонија станува дел од регионалната иницијатива која ги поврзува националните гасни системи, интерконекторите и терминалите и овозможува транспорт на природен гас по повеќе правци.
На настанот присуствуваше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која во изминатиот период интензивно работеше на обезбедување на македонското приклучување кон оваа стратешка регионална иницијатива.

„Денес, правиме историски чекор на кој Македонија чекаше повеќе од три децении. Со официјалното пристапување кон Вертикалниот гасен коридор, ставаме крај на една ера – ерата на целосна енергетска зависност од само еден извор и една гасна рута. Со потпишувањето на заедничката декларација со нашите регионални партнери, Македонија веќе не е пасивна крајна точка на мапата, туку активен партнер во новата енергетска архитектура на Европа“, истакна Божиновска.
Приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор не значи изградба на еден нов, единствен гасовод. Станува збор за интеграција на националните гасоводни системи, интерконектори и терминали во координирана регионална инфраструктура која овозможува природниот гас да се транспортира по повеќе правци – од југ кон север на Европа.
За Македонија, ова е особено значајно во услови кога земјата интензивно ја развива својата гасна инфраструктура и ги отвора новите правци за снабдување.

Клучен проект во оваа стратегија е гасниот интерконектор со Грција, чија изградба е во тек и се очекува да биде ставен во функција во текот на 2027 година. Со неговото поврзување со грчкиот гасен систем, Македонија ќе добие пристап до јужниот гасен коридор и до можностите за снабдување преку ЛНГ терминалите во Ревитуса и Александруполис, отворајќи пристап до повеќе алтернативни извори на природен гас.
„Ова има директно значење за граѓаните и македонската економија. Со интерконекторот со Грција и пристапот до ЛНГ терминалите отвораме простор за повеќе понудувачи и поголема конкуренција на пазарот. Со почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно, создадовме инфраструктурна основа за значително поголема сигурност и флексибилност во снабдувањето.“
Приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор добива дополнителна стратешка тежина со планираниот интерконектор со Србија, со кој Македонија ќе биде поврзана со северниот правец и со гасниот систем на Централна и Источна Европа.

Со поврзувањето со Грција и Србија, Македонија создава услови за воспоставување западнобалкански крак на Вертикалниот коридор, со што земјата од крајна точка на гасната мрежа може да прерасне во транзитна точка и регионален енергетски коридор.
„Нашата визија не завршува со обезбедувањето гас за домашните потреби. Со интерконекторот со Србија го правиме следниот чекор – Македонија да стане транзитна енергетска врска која го поврзува југот со Централна Европа. Ова е стратешка позиција која носи и поголема енергетска сигурност и потенцијални економски придобивки за државата.“

Вертикалниот коридор – регионална мрежа за поголема енергетска отпорност
Вертикалниот гасен коридор ги поврзува гасните системи на Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Украина, Словачка и Унгарија, а со процесот на проширување кон Западен Балкан во иницијативата се вклучуваат и Македонија и Србија.
Неговата стратешка цел е создавање пофлексибилен и поотпорен регионален систем преку кој природниот гас ќе може да се движи во различни насоки, со што се намалува зависноста од еден извор или една транспортна рута.

За Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, ова е конкретен чекор кон целосна интеграција на Македонија во европската енергетска инфраструктура и создавање услови за сигурно, диверзифицирано и конкурентно снабдување.
„Енергетската независност значи државен суверенитет. Со денешниот чекор Македонија покажува дека е стабилен, предвидлив и сериозен партнер во изградбата на новата енергетска безбедност на Југоисточна Европа.“
Приклучувањето на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор е резултат на интензивните активности на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во изминатиот период.

Министерката Божиновска во рамките на посетата на Вашингтон оствари средби со високи претставници на американската администрација, при што во фокусот беше регионалната енергетска поврзаност и диверзификацијата на снабдувањето со природен гас.
Активностите продолжија и во Атина, каде што беа остварени билатерални средби со министрите за енергетика од регионот и беа поставени основите за вклучување на Македонија во проширувањето на Вертикалниот гасен коридор кон Западен Балкан.
По потврдувањето на одлуката за приклучување на НОМАГАС кон регионалната рамка за соработка, денешното потпишување на декларацијата во Солун претставува формализирање на македонското учество во оваа стратешка европска иницијатива.

„Денес оваа политичка одлука ја пренесуваме на терен. Нашата задача е инфраструктурата да ја изградиме брзо и ефикасно, за граѓаните и економијата реално да ги почувствуваат придобивките од диверзификацијата. Благодарни сме на нашите регионални партнери и на Европската комисија за поддршката.“
Со приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор и паралелната изградба на интерконекторите со Грција и Србија, Македонија прави историски исчекор од зависна крајна точка кон активен учесник во европската гасна мрежа и потенцијален транзитен енергетски коридор на Западен Балкан.
Ова е инфраструктура која не ја гради само енергетската сигурност на Македонија, туку ја позиционира земјата како дел од новата, поврзана и поотпорна енергетска архитектура на Европа.
Текстот Македонија официјално се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор: „Нова ера за енергетската безбедност и регионалната поврзаност“ е превземен од МАКФАКС.