Bright band – локален бенд којшто успешно заблеска

Штипските љубители на добрата забава без сомнение биле присутни на многу од нивните свирки во скоро секој локал. Свирејќи постојано различен репертоар составен од различни жанрови успешно ја освоија публиката ширум поголемиот дел од земјава. Блеснаа и се истакнаа покрај еден од моментално најпознатите македонски артисти. За како стигнаа до таму зборуваме со членовите на Bright band.

Првото прашање се однесува на основачот на Bright band, Кристијан Николов. Бендот постои чинам од 2018 година, како дојде до идејата да го формираш?

  • Да, од 2018 година. Идејата произлезе од желбата да работам и да се занимавам со нешто во тој период, така поттикнат од сонот за основање сопствен бенд ја најдов Елена Шутиновска, студент по соло пеење која совршено се вклопи во мојата замисла. По извесен период во бендот беа вклучени виолина и пијано и беше именуван како Clover. Несакан сплет на околности допринесе за разидување на тогашниот состав, но сепак, по еден месец пауза и вклучување на нов член – Марио Марков, го формиравме Bright band.

Какви беа почетоците?

  • Сегашниот бенд кој ни е составен од две гитари и соло пеачка успехот го должи на летен период поминат со постојани свирки и настапи во Охрид и Струга. Нашите настапи беа добро прифатени од публиката, што значеше зголемување на интересот за нас и почеток на интензивни свирки секој викенд како во Штип, така и во поголем дел од градовите во земјава и надвор од неа. Новата 2020 година ја дочекавме во Истанбул, свирејќи на брод. Незаборавно искуство.

Дали како бенд имате сопствени аранжмани или пак соработка со некои познати лица од нашава сцена?

  • Сопствени проекти сега за сега немаме, но почнавме да работиме на тоа, па во најскоро време би го промовирале започнатото. Во однос на соработката, со големо задоволство може да кажеме дека по само една направена заедничка проба склучивме договор со Tyzee. Сега настапуваме, и како засебен бенд, и заедно со него.

Како се справувате со целава ситуација со Кронавирусот? Дали оваа криза ја сметате за сериозна закана?

  • Исто како и сите други и ние се соочивме со бројни откажани свирки, сепак ова не не’ спречи самостојно да вежбаме во домашни услови и да работиме на нашиот репертоар. Сите знаеме колку е сериозна ситуацијава, така да, се придржуваме до сите посочени мерки чекајќи го периодот кога повторно ќе можеме да настапиме заедно.

Какви планови имате за во иднина?

  • Во моментот кога ќе можеме ќе започнеме со свирки и реализирање на сите планови и пропуштени настапи, како оној што ни беше закажан за во Швајцарија. Би сакале да ги довршиме веќе започнатите проекти. Ние постојано менуваме нешто во нашиот репертоар и аранжман, па освен измени кои се однесуваат на тоа, од нас може да се очекува авторска песна, како и заедничка песна со Tyzee.