Здружението за поддршка на лица со Даунов синдром „Трисомија 21“ Скопје покажа дека инклузијата може достоинствено да ја претставува нашата држава и надвор од нејзините граници. На 15 и 16 јуни, членови на Здружението, заедно со дел од членовите на Фолклорниот Ансамбл „Седенка“- Скопје, учествуваа на Интернационалниот фолклорен фестивал „Mare Adriatico” во Лидо ди Јесоло, Италија.
„Нашата група беше единствениот инклузивен ансамбл на фестивалот, испраќајќи силна порака дека фолклорот е мост кој ги обединува луѓето, без разлика на нивните различности. Со изведба на македонски народни ора, учесниците ја претставија богатата македонска традиција, култура и обичаи, освојувајќи го вниманието и аплаузите од бројната публика и останатите учесници“, велат од Здружението.

Покрај од Македонија, на фестивалот учествуваа ансамбли од Естонија, Мексико, Грузија, Србија, Чешка и Украина. Настанот беше можност за запознавање на различни култури, создавање нови пријателства и промовирање на вредностите на меѓусебното почитување, еднаквоста и инклузијата.


За членовите на Здружението „Трисомија 21“, ова учество претставува прво меѓународно искуство и доказ дека лицата со Даунов синдром, кога имаат можност, со многу работа и одличен ментор по фолклор, можат рамноправно да учествуваат во културниот и општествениот живот и со гордост да ја претставуваат својата земја.
„Со ова претставување, испративме порака дека инклузијата не познава граници и дека заедништвото, традицијата и уметноста се најсилните амбасадори на Македонија“, велат од „Трисомија 21“.
Текстот Лица со Даунов синдром на фестивал во Италија: „Фолклорот е мост кој ги обединува луѓето, без разлика на нивните различности“ е превземен од МАКФАКС.