Лидерот Осогово загуби во Богданци, во Дојран паднаа ДЕВЕТ погодоци

Денес беа одиграни натпревари од 27. коло од Трета лига – Исток. Лидерот Осогово со минимални 1:0 беше поразен во Богданци од екипата на Вардарски, која до триумфот стигна со голот на Илија Баламов.

Во Дојран паднаа дури девет погодоци, а мечот го доби Академија Чешиново-Облешево која со 2:7 беше подобра од домаќинот Дојранско Езеро.

Марио Благојевски беше стрелец на четири погодоци, а по еден гол за гостите постигнаа Димков, Антевски и Стојчевски, додека пак за домашниот тим во првиот дел погоди Глигор Јанкулов, а во вториот дел Миле Упчев.

Спартмани и Брегалница од Делчево ги поделија бодовите во Градско Балдовци играјќи 1:1. За домашниот тим стрелец беше Симе Стоилов уште во 9. минута, а на стартот од второто полувреме Александар Илиев постигна гол за конечни 1:1.

Тиверија и Карбинци одиграа реми со четири погодици (2:2) во Струмица. Александар Марков беше двоен стрелец за домашниот тим обезбедувајќи бод, откако гостите претходно имаа водство од два гола за погодоците на Спиридонов и Стефанов.

На Градскиот стадион се одигра дерби помеѓу Малеш и Овче Поле кое заврши без победник (2:2). Радински прв го донесе Малеш во водство во 33. минута, а Трендафилов во судиското надополнување израми на 1:1.

Во вториот дел гостите од Свети Николе направија пресврт со голот на Ефремов за 1:2, а Андреевски беше стрелец на вториот гол за Малеш за конечни 2:2.

Екипата на Рудар од Пробиштип во оваа коло беше слободна.