ИСТОРИЈА: Струга е нов шампион на Македонија, во Маџари паднаа ДЕВЕТ гола – Брегалница поразена од Работнички

Официјално на две кола до крајот Струга Трим Лум е нов шампион во Првата македонска фудбалска лига. За осум години Струга од четврта лига стигна до прволигашки шампион на Македонија, откако денес новиот шампион со 3:0 го доби Силекс покрај езерото, а Шкупи го доби дербито на Чаир со лутиот ривал Шкендија (3:1), па така Струга Трим Лум на две кола до крајот е нов шампион на Македонија.

Најдобриот стрелец во историјата на ПМФЛ, но најдобар и во тековната сезона, Бесарт Ибраими во 41. минута го отвори резултатот за 1:0 на полувреме.

Во вториот дел Буњамин Шабани од пенал постигна гол за 2:0 во 49. минута, а половина час подоцна со втор гол Шабани обезбеди високи 3:0, а воедно тоа беше и конечниот исход.

Македонија Ѓорче Петров без милост до врв ја „наполни“ мрежата на Победа и во Прилеп ја испрати со срамен пораз од 7:0. Победа веќе е испадната во Втора лига, а во пролетниот дел нижеше само порази и речиси беше без шанси за опстанок во елитата.

Арби Воша постигна хет-трик, а по еден гол постигнаа Мишевски, Алексовски и Басит Абдул, додека пак Бобан Ѓорчески си постигна автогол.

На „Борис Трајковски“ во Маџари паднаа дури девет погодоци во меч каде Работнички со 5:4 ја совлада Брегалница. Само во првиот дел беа постигнати пет погодоци за 3:2 на полувреме.

Брегалница имаше водство од 0:2 на стартот од мечот, кога Додев и Андонов погодија за два гола предност за „сините“ до 21. минута од мечот. „Романтичарите“ брзо вратија со три погодоци од крајот на првиот дел. Рушевиќ погоди за 1:2, а пак Мисердовски за 2:2 во 35. минута. Четири минути подоцна Гандо Биала погоди за 3:2 и комплетен пресврт.

Во вториот дел продолжи голеадата. Мазари ја стресе мрежата на штипјани за 4:2 во 53. минута, а десет минути подоцна Ѓорѓиев беше прецизен за 4:3. Рушевиќ со втор гол во 67. минута обезбеди нова предност од два гола за домашниот тим (5:3). Конечниот резултат го постави Иван Николов во 75. минута за конечни 5:4.

Брегалница го впиша четвртиот пораз во низа и четвртото место го препушти на Македонија ЃП, со што „сините“ сега се на делба на шестото место токму со Работнички со по 37 бодови.

По долго време Тиквеш конечно победи, откако во Струмица со 1:4 беше подобар од Академија Пандев.

На СЦ „Пандев“ гостите од Кавадарци на полувреме имаа предност од гол (0:1), а стрелец на истиот беше Глигор Дончев, постигнат во судиското надополнување. На стартот од вториот дел Спахиу беше прецизен за 0:2, а по пет минути Кристијан Велиновски намали на 1:2. До крајот на мечот Мишов со два гола обезбеди триумф за Тиквеш од 1:4.

Шкупи преку пресврт ја „среди“ Шкендија со 2:1 и го доби дербито на Чаир, а со овој пораз на тетовци, Струга стана шампион на две кола до крајот.

Чинари во 17. минута го отвори Шкупи за водство од 0:1, кое траеше до 28. минута, кога Сандеј го израмни резултатот на 1:1 на полувреме. Во вториот дел Дарко Илиески беше стрелец на победничкиот гол за чаирчани за конечни 2:1.