Штип се вклучи во „Генералка викенд, 2023“, се чистеше кај Сончев град и во училиштата

Акцијата „Генералка викенд“ и годинава се реализира во Штип. Во акцијата е вклучена Општина Штип заедно со комуналните претпријатија и сите основни и средни училишта на територија на општина Штип, а се чистеше во кругот на училиштата и на локацијата кај Сончев град. Комуналниот инспектор при Општината, Борче Везенков, посочи дека се задоволни од собраната количина отпад и се дека се надеваат оти акцијата од година во година ќе стане сè помасовна.

„Акцијата се спроведува на територија на цела држава и тоа од 12 до 14 мај, значи петок, сабота и недела. Денес ние чистевме, собиравме отпад на локацијата над Сончев град, во зелената шума. Можам да кажам дека собравме одредена количина отпад и тој ќе биде предаден на организаторите. Тие имаат обврска до 16 мај да дојдат и да го преземат собраниот отпад“, вели Везенков.

Инаку, акцијата во текот на овие три дена ќе се спроведе во 53 општини и 450 училишта низ државата. Вклучени се повеќе од 16.000 волонтери, а се собира отпадот од локациите мапирани од секоја општина посебно. Акцијата е од важен карактер за општините, бидејќи во зависност од количината собран отпад добиваат дрвја кои ќе се насадат и одгледуваат. За секои 10 килограми собран отпад се сади по едно дрво. За собраниот отпад ќе се погрижат локалните комунални претпријатија, Пакомак и Нула отпад со соодветна селекција и рециклирање, а на дел од локациите ќе има и тимови од Црвен крст кои се грижат за безбедноста на волонтерите. Во „Генералка викенд“ Штип учествуваше и минатата година со цел подигање на свеста за зачувување на животната средина за подобар и поквалитетен живот на сегашните и идните генерации.

Ребека Спасова М-Нет