Лани скапан тутун годинава екстра квалитетен по иста откупна цена – откупните пунктови во Карбинци празни

Празни откупните пунктови во Општина Карбинци, ако некогаш земјоделците ред чекаа за да го продадат својот тутун, утринава речиси и да немаше никој. Од откупните пунктови велат дека во текот на денот доаѓаат по неколку земјоделци и тутун се откупува. Во едниот откупен пункт во Карбинци од предвидени 180 тони до сега се откупени половина, додека во другиот откупени се 80% од предвидената количина. Цената е 330 денари велат од таму. Но, од Националната мрежа на земјоделци посочуваат дека годинава е поразителна ако се земат во предвид количините на тутун и цената по која се откупува.

„Оваа година имаме една поразителна година, каде имаме многу драстично намалени количини на тутун, цената е драстично непроменета од 330 денари засега. Очекуваме да надвладее разумот од страна на откупните фирми и економската логика да се направи некоја корекција. За сега се предадени некаде околу шест милиони килограми, нашите предвидувања се дека има уште четири. “ – вели Каракашев.

Лани неквалитетен тутун се откупуваше по цена од 300 денари, годинава таа е цената за екстра квалитетен тутун. Ова е една од главните причини поради кои откупните пунктови се празни. Ако не се преземат мерки, вели Каракашев тогаш производството на тутун во државата драстично ќе биде намалено.

„Оваа година имаме тивок повик од тутунарите, тие не сакаат да го продаваат тутунот затоа што лани скапан тутун се откупуваше за 300 денари, а оваа година екстра квалитетен тутун за 330 денари. Оваа цена не ги покрива ниту основните трошоци.“ – додава Каракашев.

Тутунопроизводителите очекуваат разумна цена за останатиот тутун кој треба да се продаде.

Лаура Стојанова М-Нет