Куманово ја доби Фортуна во дербито на колото во Трета лига – Север за враќање на врвот

Денес со два натпревари беше отворено 8. коло од Третата македонска фудбалска лига – Север, а дербито на колото беше одиграно во Синѓелиќ каде се соочија Фортуна и Куманово во меч за врвот од табелата.

Куманово предводен од Даниел Стојановски стигна до својата шест сезонска победа откако со 1:3 славеше на тешкото гостување над Фортуна.

Двете екипи се израмнети на врвот од табелата со по 19 освоени бодови и идентичен скор од шест победи, една нерешена и еден пораз.

Куманово преку Христијан Димов уште во 2. минута донесе рано водство за неговата екипа, а потоа Бујар Иљази во 12. минута зголеми на 0:2 на полувреме. Во вториот дел резервистот Шабан Чупи намали на 1:2 и ја врати Фортуна во ситуација за израмнување и освојување на бод.

Сепак, гостинската екипа брзо преку втор гол на Иљази стигна до повисока предност од 1:3, резултат кој беше и конечен.

Главниот судија Димитар Пилешков од Штип имаше доста работа после натпреварот доделувајќи два црвени картони.

„Натпреварот одигран по правила и прописи на ФФМ. Натпреварот доцнеше 15 минути, поради промена на дресовите на двете екипи. Видео материјалот е предаден на контролорот. По завршување на натпреварот домашните играчи со број 21, Реџепи Иса и играчот со број 26, Алилов Ерсин физички нападнаа повеќе играчи од гостинската екипа при што настана масовна конфронтација која за кратко време се стави во нормала. Играчите со број 21 и 26 од домашната екипа избегаа во соблекувалната при што немаше можност да им се додели црвени картон од страна на главниот судија“, се вели во официјалниот записник од натпреварот.

Ланскиот второлигаш Пехчево на домашен терен со 5:3 забележа висока победа над Петровец во меч на кој беа постигнати осум погодоци.

Гостите го отворија резултат во 14. минута откако Божинов постигна гол од белата точка за водство од 0:1. Сепак, домашниот тим со два брзи гола на Јакуповски во 24. и 25. минута Пехчево дојде до водство од 2:1. Во 31. минута Тодоровски постигна гол за 2:2 на полувреме.

Во вториот дел Петровец стигна до ново водство откако Зимбаков постигна гол за 2:3, но сепак радоста не траеше долго, откако Нухи погоди за 3:3 во 65. минута, две минути подоцна Наков погоди за нов пресврт и водство од 4:3, а пак во 70. минута Васиќ ги постави конечните 5:3.

Колото ќе биде комплетирано утре. Гледачите на телевизија М Нет ќе имаат можност да го проследат соочувањето меѓу некогашниот второлигаш Кадино и амбициозниот тим на Шкендија од Арачиново со почеток од 10 часот наутро. Покрај овој натпревар утре Риниа ќе биде домаќин на Бутел, Беса Влазрими ќе игра со Еуромилк ГЛ, а пак Башкими Љуботен ќе игра дома со Аеродром.